Македонија
1. September 2015 - 19:57

Почна учебната година, продолжуваат инвестициите за поквалитетно школство

Учениците од ОУ “Живко Брајковски” од општина Бутел, учебна година ја почнаа во новата училишна зграда, а во дворот на ОУ “Невена Георгиева Дуња” во Кисела Вода беше поставен камен темелник на изградбата на ново училиште, кое ќе донесе комплетно нови услови, како за учениците така и за наставниот кадар веќе следната учебна година.

Премиерот Никола Груевски потенцираше дека со ова продолжува континуираното инвестирање на владата во образованието.

Министерот за Финансии Зоран Ставрески рече дека му претставува особена чест што присуствува на пуштање во употреба на нова училишна зграда, особено што тој токму во ОУ Живко Брајковски, го започнал своето образование.

Во  изградбата свој удел имаше и Градот Скопје,  кој како и во изминатите години изврши обнова и реконструкција на објектите на девет средни училишта што се во негова надлежност.

Оваа учебна година ја почнаа 270000 основци и средношколци. Министерот за образование Адеми го оцени како успешен стартот на учебната година. Тој вели дека министерството пшодготвено влегува во учебната година и со инфраструктурни проекти и со проекти за поквалитетно образование.

Во делови од Македонија, како што е примерот со кочанско – виничкиот регион, се бележи раст на бројот на првачиња. Вкупниот број на запишани првачиња во новата учебна година изнесува 20.212.