Македонија
15. January 2022 - 16:36

Почна акцијата за чистење на Калиманското Езеро

Поради заканата од еколошка катастрофа на водното огледало на вештачката акумулација Калиманци, еколошки здруженија од Македонска Каменица и Делчево, во соработка со локалните самоуправи и граѓани волонтери ја започнаа дводневната акација за чистење на отпадот акумулиран на брегот и во самото езеро. 

Денеска ќе собереме 30 вреќи, големи, арари. Имаме и мотпоризирани екипи со моторни чамци, кои ќе чистат онаму каде што не можеме да пристапиме ние со работна рака. Денеска имаме еден чамец, а утре ќе имаме три, изјави Александар Дончевски, иницијатор на акцијата.

Од риболовното здружение „Шаран“ велат дека, овој проблем е со години наназад. Во езерото и околу него, после секои врнежи од дивите депонии преку реките се акумулира пластика од иладници кубици. Акцијата ја поддржуваат, но не учествуваат, зашто досега ниту една државна инсититуција не покажала интерес за решавање на овој проблем.

Ние можеме да констатираме дека ништо не функционира. Редно е да побараме одговорност и самата држава да дојде, да констатира и да преземе мерки. Вака ние да чистиме постојано, ние не сме служба за чистење на езерото, на крај на краевите, има институции кои што за тоа се задолжени, изјави Горан Стојановски, претседател на СРД „Шаран“- концесионер на езерото.

Пловечкиот отпад има катастрофални последици по флората и фауната. Акциите за чистење се добра иницијатива, меѓутоа нудат само краткорочно решение.

Ќе направиме стратегија за да најдеме долготрајно решение. Да не биде само да се собираме на еднодневни акции, туку да водиме грижа во текот на целата година, изјави Димчо Атанасовски, градоначалник на Македонска Каменица.

Во меѓувреме мора да се работи на подигање на свеста на граѓаните, пластичната и стаклената амбалажа да ја одлагаат на местата предвидени за таа намена. Собраниот смет ќе биде однесен во фабриката за отпад во Делчево.