Македонија
8. April 2020 - 16:41

Почина 27 годишната родилка заразена со ковид 19, уште две нови жртви во последните 24 часа

Попладнето на Клиниката за инфективни болести почина 27 годишната родилката од Куманово која минатата недела предвреме беше породена со машко дете, но вирусот не му го пренесе на новороденчето. На Инфективна била примена со отежнато дишење, а болеста бргу и прогресирала. Бебето сеуште е на Интензивна на клиниката за гинекологија во стабилна состојба, но под постојан надзор. Покрај овој случај изминатото деноноќие регистрирани се уште двајца починати од коронавирус во Македонија. Министерството за здравство информираше дека во својот стан во Кавадарци бил пронајден починат 44 годишен маж и посмртно му бил земен брис кој покажал присуство на вирусот, а на Клиниката за инфективни болести почина маж од Куманово на 73 годишна возраст. Пациентот имал повеќе хронични заболувања. Досега во земјава 30 лица ја загубија битката со Ковид – 19.

Изминатото деноноќие регистрирани се 18 новозаразени со коронавирус.

Со новите случаи бројката на заразени достигна 617. Заболени има во 18 градови. Најмногу се од Скопје, Куманово, Дебар, Прилеп, Тетово, а десет проценти се здравствени работници.

Во моментот на болнички третман на Инфективна, ГОБ 8 септември, и во болниците во Штип и Битола има 90 пациенти, од нив 10 се во тешка состојба и се приклучени на апарати за дишење.

Во меѓувреме Клиниката за инфективни болести ја напуштија 5 оздравени пациенти.

Последното деноноќие реализирани се 351 тест, а досега направени се над 6000 тестирања за Ковид-19