Македонија
16. January 2020 - 16:31

По пријава од последната жртва пронајден измамникот кој ветувал исплата на пензии за починати

Полицијата синоќа го успаси измамникот кој барал пари и трансакциски сметки од граѓани за наводно да им врати заостанати пензии на нивни блиски. Според информации на Сител гевгеличанецот на 41 годишна возраст лишен е од слобода околу 19 часот на автобуската додека чекал пари и документи од оштетена жена од Велес. Се претставувал под лажно име и  инсистирал пратката да биде во бело плико.

-Пријавениот во неколку наврати во изминатиот период извршил кривични дела “измама“ лажно претставувајќи се и како З.Ј., наводно вработен како теренски работник во ПИОМ Скопје, при што доведувал во заблуда поголем број на граѓани од Р.С.Македонија, барајќи од нив да уплатат од 1700 до 4000 денари, а со цел да подигнат парични средства од сметката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 170,000 до 450,000 денари по разни основи. Од страна на полициски службеници при извршен претрес во домот на пријавениот биле пронајдени и одземени телефонски апарати, сим-картички, документи и поголем број на мобилни телефонски броеви и лични податоци од оштетени лица, изјави Хризантема Рендевска, портпарол на СВР Струмица.

Неофицијално измамникот контактирал со 15-тина лица, им ја кажувал истата приказна и податоците за пензиите на нивни блиски. Сител успеа да стапи во контакт со жената која помогнала полицијата да го успаси измамникот. Гевгеличанецот прв пат и се јавил во вторникот во 16 часот и и ветувал дека ќе и исплати околу 400.000 денари.

15 минути ми објаснуваше за сите податоци на мажот ми, кога е починат, колку пензија зема. Му реков во ред. Ми побара 1870 денари, извод од мене и трансакциска сметка и да ги дадам парите по автобус “Руле турс”за Гевгелија и 100 денари за шоферот. Заврши муабетот. Јас вчера сабалје во 9.15 часот ги испратив парите . Го барав неколку пати, но телефонот му беше исклучен. После тој ме побара му кажав дека е завршена работата и дека пратив. Во текот на денот уште 10 пати ми се јави и во 15 до 3 кога веќе видовме на социјалните мрежи ми звонеше пак и ми кажа дека не можело на 1 фактура да ми пушти пари и треба да платам уште 2.370 денари за другата фактура. Јас останав смирена и отидов во полиција, а он цело време ми звонеше до кај сум, што сум направила и така се заврши работата, раскажа за Сител една од “жртвите”на измамникот.

Како протекле личните податоци на осигурениците дополнителната заменичка во труд упати на одговори во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

-Сепак тоа е прашање кое треба да го упатите до ПИОМ. Има институции кои се надлежни и треба да реагираат да проверат што се случило и дали евентуално има одговорност, изјави Санела Шкријељ, дополнителен заменик министер за труд и социјална политика, 

Од ПИОМ пак на прашањата на Сител дали гевгеличанецот е нивни вработен и како успеал да дојде до податоците на осигурениците одговорија дека во интерес на истрагата не се во можност да ни дадат дополнителни податоци.

Во случајот е вклучено и обвинителството. Чекаат пријава од МВР за да одлучат како ќе постапат понатаму.

Во меѓувреме јавноста чека одговори како гевгеличанецот успеал да дојде до лични податоци на граѓаните и која му била намерата. Дали работел сам или имал помош од други лица?