Македонија
26. January 2022 - 12:43

По празниците стабилизација на ковид состојбата во Крушево

Полека се намалува бројот на заразени од Ковид 19 во Крушево, кој брзо се зголеми после завршувањето на празниците. Крушево тој период беше буквално преполно со туристи, што на еден начин доведе да од 368 тестирани, позитивни да излезат 170. Но здравствените власти веруваат дека таа бројка е била и поголема затоа што дел од граѓаните се тестирале сами дома со брзи тестови или пак воопшто не пријавувале дека имаат ковид ако имаат лесна клиничка слика.

„Се намалува бројот, стиивнува, голем број прележаа, значи тоа се луѓе коии ние сме ги тестирале, а има и кои што сами се тестираат во домашни услови, не се јавуваат, не се пријавуваат, така што мислам дека полека се надминува ситуацијата“, вели Д-р Зорица Манчевска Трајчулевска, директорка на Здравствен дом Крушево.

И лекарите и општината ги предупредуваат граѓаните да се вакцинираат и да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита затоа што иако можеби омиккрон сојот давал поблаги симптоми на болеста сепак дел од пациентите биле и хоспитализирани.

„Новогодишните и верските празници предизвикаа олабавување кај луѓето нормално да се дружат, да се собираат луѓето. Не дека не разбираат која е тежината, меѓутоа мислам дека едноставно народот сака да се дружи и веќе долго време трае оваа ситуација“, истакна Манчевска Трајчулевска.

„Сакам тука да апелирам дека треба да се преземат сите мерки, односно мерки за заштита од граѓаните за носење заштитна маска, држење дистанца, негрупирање. Сите содржини кои ни стојат на располагање во Крушево се на отворено, но да се држи она растојание од 2 метри“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Инаку нови 2.341 случај се регистирирани во претходното деноноќие што е речиси 38 отсто од вкупно тестираните 6.193 лица. Во моментов активни се 20.856 случаи,најмногу во Скопје – 11.390, втора е Битола со 1.613 случи и трет Прилеп со 754 случаи. Најмал број активни случаи се забележани во Дебар – 22 и Дојран – 14.