Македонија
20. May 2022 - 16:36

Петков сам нема да го повлече ветото - Вархеји побара во Софија Македонија да ги почне преговорите во јуни

Работиме на решение и очекувам преговори за Македонија во јуни. Пораката доаѓа од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, по посетата на Софија и средбите со тамошниот државен врв.

„Интензивна средба со министерката Теодора Генчовска во Софија. Разговаравме за директните последици од војната во Украина за Западен Балкан и пошироко. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со РС Македонија и Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Го ценам отворениот дијалог со бугарскиот претседател Румен Радев. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно. По три недели се вратив во Софија, за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“, напиша Вархеи на Твитер, по неговата трета посета на Софија за месец и половина.

Вархеи во Софија се сретна и со Петков. Бугарија ќе продолжи да игра активна улога во стабилноста и просперитетот во Југоисточна Европа, му пренел бугарскиот премиер на еврокомесарот, во период кога на домашна политичка сцена се соочува со обвинувања дека дејствува сам во однос на спорот.

Петков ваквата информација ја нарекува лажна вест, посочувајќи го патот кој треба да го помине неговата официјална одлука.

Во меѓувреме, бугарскиот весник „Дневник“ открива дека премиерите Ковачевски и Петков ќе се сретнат во Рим на 23 мај, но само за да положат цвеќе и да оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј.

Во анализа насловена “Зошто ветото нема да се тргне сега”, весникот пишува дека нема шанси тоа да се случи во јуни, пред се поради внатрешните политички превирања во Бугарија.