Свет
21. October 2016 - 20:38

Пет млади државни службеници на обука во Париз

Пет млади професионалци од јавната администрација ќе престојуваат на тринеделна обука во Париз, финансирана и организирана од Европската унија. Обуката има за цел зајакнување на професионалните капацитети и да се подготви следната генерација државни службеници и донесувачи на одлуки одговорни за процесот на пристапување кон ЕУ.

Тие, заедно со нивните колеги од другите држави во Западен Балкан во рамки на проектот „Програма на ЕУ за млади професионалци од Западен Балкан“ ќе посетуваат интензивна обука во САЈНИС По во Париз насловена како „Сертификат за менаџмент и јавна политика“.

Во вториот дел од проектот избраните кандидати ќе учествуваат на двонеделна програма за регионална размена со цел јакнење на меѓуграничната соработка и поврзување на ниво на државни службеници на земјите од Западен Балкан и нивна соработка во процесот на пристапување кон ЕУ.

По тој повод денеска шефот на мисијата на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар се сретна избраните државни службеници кои учествуваат во проектот, финансиран од ЕУ, реализиран од страна на Британскиот совет.

- Среќен сум што го реализираме овој проект за градење на капацитетите на младите во овој регион, затоа што тие се иднината и се оние коишто можат да го придвижат регионот нанапред. Тие сите ќе се вратат во нивните министерства или во институциите каде и да работат одлучни и посветени да ја направат оваа земја подобро место за живеење и да донесат промени какви што би сакале да видат во неа, рече Жбогар.

Додаде дека ова е првпат ЕУ да ангажира млади и квалитетни луѓе од јавната администрација, да ги однесе во Европа, и да им овозможи обука, а потоа да ги собере заедно за да разменат искуства и да развијат меѓусебна соработка.