Македонија
18. May 2021 - 16:59

Пендаровски се вакцинираше во Куманово, прва доза и за Димитров, Битиќи и Маричиќ

Првиот човек во државата вчера го пропуштил закажаниот термин за вакцинација во пунктот Борис Трајковски поради присуството на самитот во Словенија. Денеска Пендаровски заедно со пет негови најблиски соработници од кабинетот ја примија првата доза од Фајзер во Куманово а имунизација во друг град им било во план од претходно.

-Еве сега здравје боже на 8.6 ми е втората доза и сакам да ја примам во трета општина и тоа е добро за да  им покажеме на луѓето дека сите вакцини се проврени, се ефикасни и да немаат сомнеж што побрзо да го направат тоа бидејќи една година сме како во затвор и што побрзо да се вратиме во нормала, изјави Стево Пендаровски, претседател на држава.   

Освен претседателот денеска масовна имунизација и на дел од владиниот кабинет. Во најголемиот пункт во Скопје на ред за вакцина дојдоа Димитров, Маричиќ, Битиќи, Милевски, Хоџа. Додека дел од функционерите денешниот ден го доживеале како свечен чин поради долгото траење на пандемијата, вицепремиерот за економски прашања со поинаква приказна.

-  „Пред неполни шест месеци, на 200 метри одовде, лежев повеќе од 11 дена на работ на мојата егзистенција и заради здравствените работници денеска имав можност да го направам тоа што треба да го направи секој еден граѓанин. Во нивно име сакам да им кажам на сите наши граѓани, пријавете се на vakcinacija.mk затоа што тоа е спасот“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Министрите добија прва доза од Фајзер, но се правдаат дека поради функциите немале привилегија која вакцина ќе ја добијат.

-Сите вакцини се подеднакво безбедни, ние се вакциниравме со таа што беше на ред, не знаевме однапред, ќе се чувствуваме подеднакво безбедни со која било вакцина да се вакциниравме. Немаше привилегии, не прашувавме која вакцина, изјави Бојан Маричиќ, министер за правда.

Вакцината на Фајзер е една од неколкуте кои се признаени за патување во најголем број од државите во светот.

Инаку досега во пунктовите за вакцинација аплицирани се повеќе од 207 000 дози на вакцини а интерес пројавиле околу 377 000 граѓани.