Македонија
14. May 2021 - 19:48

Пендаровски не го потпиша Законот за дивоградби, што ќе прават партиите?

Претседателот Пендаровски одби да стави потпис на новиот закон за легализација. Според шефот на државата тој е спротивен на Уставот во најмалку три точки. Легализацијата на дивоградбите според Пендаровски ги става во нерамноправна положба оние кои легално си граделе и за тоа си ги платиле сите давачки. Стопирањето на сите судски постапки против оние кои претходно граделе на диво за Претседателот е директно мешање на законодавната во судската власт со што исто така се крши уставот. Пендаровски смета дека е спорно и тоа што се дозволува легализација во национални паркови со што се нарушува уставното право на граѓаните за здрава животна средина.

„Како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура. Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес е принцип на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади. Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение“ – вели Пендаровски во својата писмена изјава апелирајќи до пратениците добро да размислат пред повторно да гласаат за овој закон.

Опозицискиот лидер денеска во Битола потврди дека законот за дивоградби го договорил со Заев на последната средба. Ги повика како што рече естрадните пратеници да го блокираат со филибастеринг

Законот за легализација на дивоградби доби поддршка од најголемите пратенички групи во Собранието а против застанаа само малите партии кои добија поддршка и од по некој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

Согласно собранискиот Деловник, по ветото на Пендаровски законот за дивоградби се враќа во Собранието на повторно разгледување. Пратениците сега ќе имаат можност да поднесуваат амандмани само на забелешките на Претседателот што отвора можност за негова блокада со филибастеринг. Доколку Владата повторно обезбеди апсолутно мнозинство, Претседателот ќе биде должен да го потпише законот.