Македонија
19. јуни 2021 - 16:37

Пендаровски на средба со Вартоломеј

Состојбите во православниот свет и поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните религии биле главната тема на средбата која денеска македонскиот Претседател ја имал со Вселенскиот патријарх во Истанбул.

На средбата се разговарало и за прашањето за решавање на статусот на Македонската православна црква Охридска архиепископија а Претседателот Пендаровски нагласил дека Вселенскиот Патријарх има важна улога во надминувањето на црковниот спор. На средбата биле разменети мислења со актуелните состојби во регионот при што патријархот ја изразил својата поддршка за членството на земјава во Европската Унија.

Пендаровски вчера учествуваше на Анталија дипломатскиот форум, на кој имаше обраќање на лидерскиот панел. Шефот на државата во Турција имаше обраќање и  на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа што во рамките на турското претседавање се одржа во Анталија.

На маргините на Самитот, Пендаровски оствари средби со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, како и со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган.