Македонија
18. May 2021 - 15:30

Пендаровски: Ако по втор пат се изгласа законот за легализација на дивоградби, истиот ден ќе го потпишам

Претседателот на државата, Стево Пендаровски вели дека доколку Законот за легализација на дивоградбите по втор пат биде донесен од страна на пратениците тој ќе нема друг избор освен да го потпише.

-Не можам да знам дали повторно ќе го изгласаат Законот. Тоа е комплетно во надлежност на политичките субјекти кои се во парламентот. Прво, оние кои се во Влада дали имаат намера тоа да го направат – да го пуштат повторно во процедура, има најави од премиерот и министерот за транспорт и врски, тие тоа ќе го направат. Има најави од други политички субјекти дека можат со филибастеринг да блокираат, меѓутоа тоа е комплетно во надлежност на Собранието. Ако ме прашувате за мојата реакција кога здравје тој закон повторно би дошол кај мене, Уставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам претседател кој има т.н. џебно вето, па да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира дека истиот ден ќе го потпишам, рече Пендаровски.

Вели дека нема да биде задоволен ако предвид не се земат неговите забелешки за Законот. Појасни дека ги дал во консултација со истакнати правници кои му укажале оти Законот е правно неиздржан.

-Имам серија забелешки, од она што го кажа премиерот, ќе бидат земени предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство – 61, немам избор. Нема да бидам задоволен, тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. После долги консултации со истакнати правни експерти ми беше сугерирано дека тоа практично е неодржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, но не е лошо да го повториме, е дека во повторната расправа во парламентот, ако дојде до тоа, пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на тоа што јас сум го напишал во образложението, рече Пендаровски.