Македонија
18. January 2022 - 16:34

Педијатрите предупредуваат и на продолжениот распуст да се почитуваат препораките за заштита

Без групирања и одење во кафулиња за време на продолжениот распуст. И основците и средношколците да не се опуштаат следниот период а превентивните мерки важат и за родителите, предупредуваат педијатрите. Велат добро е што при ваква епидемиолошка состојба од четврток нема да се вратат во училиште, но тоа не значи дека треба да заборават на носењето на маски и одржувањето на дистанца.

- Нека го искористат престојот во природа, нека се зачестени прошетките во природа да се искористи сонцето ако го има за природен витамин Д, но со огранилен број на деца да се дружиме. Истото важи и за родителите и одењето во затворени простории како и одењето во игротеки што е зачестено овој период, да таму е чисто и стерилно но не знамеме тие 10 деца со кој се биле во контакти, вели др. Драгана  Емел Маркоска, педијатар.

Од децата кои овој период побарале лекарска помош, доктор Маркоска вели дека подеднакво се застапени и грипот и Ковид-19. Од нејзиното искуство, заразен со омикрон го пренесува вирусот на сите во семејството и затоа има и толку голем број на новодијагностицирани.

- Мислев малку ќе здивнеме ама не, не знам што се случува ама како што сега имаме болни деца немало во ниту еден бран досега, вели др. Маркоска.

А дека состојбата со омикрон и понатаму е алармантна покажува и последниот извештај на ИЈЗ. Има рекорден број на заразени за една недела - над 11 000, како и рекордни реинфекции. Минатата недела 1247 лица по втор пат добиле Ковид-19 а за 34 проценти е зголемен и бројот на смртни случаи.