Македонија
23. September 2021 - 16:38

Партиските лидери се обврзаа на фер и демократски избори

Политичките партии се обврзаа на почитување на демократските изборни правила. Учесниците на претстојните локални избори во Клубот на пратеници го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, документот кој треба да гарантира изборен процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи.

Пред речиси целата Државна изборна комисија, претставниците на партиите се обврзаа дека во кампањата нема да се врши притисок врз јавната администрација, но и сите институции во кои фигурира државен капитал. Потпишаа дека нема да биде користен говор на омраза, но и дискриминација по однос на пол, а партиите се обврзаа и дека нема да има меѓусебни закани.

Кодексот содржи и нова одредба која се однесува на спречување на дискриминација по род. Од Националниот демократски институт кои го организираа чинот, истакнаа дека ова е од особена важност при борбата за родова еднаквост и против насилството врз жените во политиката.

“Интерпарламентарната унија објави извештај во 2018 година во кој се вели дека 85% од жени во парламентите доживеале психолошко насилство. 68% биле мета врз основа на нивниот изглед и родови стереотипи. Додека 58% биле цел на сексистички напад на социјалните мрежи”

Кампањата за локалните избори почнува в понеделник и ќе трае до 15 октомври. Првиот круг гласање за градоначалници и совети е закажан за два дена подоцна, додека вториот круг ќе биде одржан на 31 октомври.