Македонија
5. August 2020 - 16:44

Партиите преговараат во тајност - Заев веќе се сретнал со Ахмети, Тачи, Села и Гаши

ВМРО-ДПМНЕ  во преговори за формирање на новата Влада но не по секоја цена. Опозицискиот лидер на денешната прес конференција рече дека разговараат со сите парламентарни партии но очекуваат договор врз основа на програма и принципи а не под уцени и закани.

Мицкоски уште еднаш повтори дека на дел од пратениците од неговата коалиција им се нуди поткуп за да направат трансфер но како што рече, не верува дека некој ќе се реши на таков чекор.
СДСМ уште вчера ги почна разговорите за формирање на Влада а тоа резултираше со аквизиција на Тачи во своите редови. Доколку таму остане и БЕСА, Заев сега за сега има 47 пратенички гласови. 

„СДСМ започнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.
Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми“ – се вели во писменото соопштение на партијата.

До 61 пратеник СДСМ најлесно може да дојде по договор со Ахмети, до кого Заев вчера упати порака дека со 15 пратеници не се станува премиер, на што лидерот на интегративците му одговори дека ниту неговите 46 не се доволни за влез на Илинденска.
Пендаровски утрово им порача на лидерите да го контактираат тогаш кога ќе обезбедат мнозинство за да им го предаде мандатот.

„Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори“ – се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Договорот за коалиција го чека и најголемата фотеља во Собранието каде Џафери вчера седеше како Претседавач со конститутивната седница. Без спикер, Собранието не може да биде ставено во функција бидејќи претседавачот нема ингеренции да закажува тематски седници.