Македонија
11. јуни 2021 - 16:43

Партиите го зголемија мандатот на ДИК, нема договор за отворени листи

Наместо сегашните две години, мандатот на Државната изборна комисија ќе трае пет. Ова е измената која е договорена меѓу власта и опозицијата на преговорите за Изборниот законик, дознава Сител. Измената е направена по барање на опозицијата, но и по барање на ОБСЕ/ОДИХР кои инсистирале на подолг мандат на највисокото изборно тело за да може да се организираат покредибилни изборни процеси.

Мандат од 5 години ќе добие и актуелниот состав на ДИК.

Бројот на членовите во ДИК и понатаму останува 7, како и распоредот на силите. Опозицијата ќе има тројца членови од кои и претседател, додека пак, власта 4 членови. Она што го добила власта е генерален секретар кој исто така ќе има мандат од 5 години.

Министерот Маричиќ потврдува дека постигната е согласност меѓу власта и опозиција за функцинирањето на ДИК, но без детали. Усогласени, според Маричиќ се и финансирањето и медиумската покриеност на партиите, како и други препораки на ОБСЕ. Министерот за наредната недела го најавува финалниот текст на измените на Изборниот законик.

Сепак, во него нема да се најде промената на изборниот модел со отворени листи за локалните избори и промена на бројот на изборните единици за парламентарни избори.

„Во меѓувреме комуницираме со политичките партии околу евентуалана измена на изборниот модел. Не сум сигурен дали ќе имаме време до наредната недела да постигнеме некаква согласност за промена на изборниот модел за локалните избори. Сè уште има мали шанси и ќе продолжи комуникацијата и во наредните неколку дена, меѓутоа не сакаме да одлагаме премногу бидејќи веќе датумот за изборите се ближи и не би сакале да има премногу блиску до изборите промена на Изборниот законик“, изјави министерот Маричиќ.

Доколку партиите не успеат да се договорат за изборниот модел за локалните избори, Маричиќ најавува дека дијалогот ќе продолжи и ќе се подгоготви целосно нов Изборен законик.