Македонија
23. January 2022 - 19:49

Пандемијата не ја затвори мигрантската рута

Балканската мигрантска рута останува актуелна и покрај пандемијата со Ковид-19, но за разлика од претходните години обидите за илегални преминувања на границите со соседните земји бележат опаѓачки тренд и тоа за 36,5%.

Според статистиката на МВР лани биле спречени околу 18.000 обиди за илегално преминување на границите или речиси 10 илјади обиди помалку во споредба со истиот период претходната година. Речиси 90% од нив се откриени на јужната граница.

По националност, најголем дел од откриените мигранти се од Пакистан, Авганистан, Сирија, Индија, Бангладеш. 

Намалување е регистрирано и во делот на криумчарењето и тоа за над 60% кое доаѓа како логична последица на намалените обиди за илегален премин. Бројот на поднесени нови барања за азил е намален дури за 70%. 

Против 57 сторители полицијата поднела 36 кривични пријави за сторени 38 кривични дела „криумчарење мигранти“ и две дела организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ против 12 сторители. 

И минатата година МВР ја продолжи реализацијата на меѓународната активност, заедничка операција за засилен надзор на јужната граница на РСМ, со ангажирање на полициски службеници од странство, во која партиципираат полициски службеници од осум земји, односно од (Хрватска, Србија, Словенија, Австрија, Чешка, Полска, Унгарија и Словачка. Тие, заедно со припадници на граничната полиција, во заеднички мешани патроли секојдневно вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница, чија цел е токму спречување на обидите за илегален влез на мигранти од Република Грција, како и откривање на случаи на криумчарење мигранти.