Македонија
26. јуни 2017 - 16:20

Пациенти со топлотни удари побарале помош во штипската болница

Големите температурни осцилации изминативе недели и последниот врел бран кој живата на термометарот ја искачи близу 40 –тиот степен, доведе до тоа, 4 до 5 пациенти со хипертензија и симптоми на мозочен удар дневно да завршат на невролошкото одделение при штипската клиничка болница.

Лекарите апелираат пациентите со покачен крвен притисок да се придржуваат на пропишаната терапија и да не преземаат ништо на своја рака, зашто не залудно се нарекува „тивок убиец“.

-„Тивок убиец“ бидејќи е ризик фактор за оние заболувања кои се на врвот на скалата за смртност на пациентите, односно кај мозочнмите удари и срцевите удари-изјави д-р Златко Стоименов, интернист.

За разлика од оддлението за неврологија кое во месецот што изминува хоспитализира 77 пациенти, на инфективно одделение засега состојбата е стабилна и во границите на нормалата за овој период од годината.

-17 пациенти за цел месец се хоспитализирани, што споредбено со минатата година кога сме имале 15, значи бројката ни е некаде тука-изјави д-р Глорија Карагозова, инфектолог инфективно одд. при Кличичка болница-Штип

Засега нема регистрирани случаи на труење со храна, но остануваат препораките за одржување на хигиена, а хронично болните и постарите лица што е можно повеќе да избегнуваат престој на отворено.