Македонија
25. November 2020 - 16:38

Отворени шахти на скопската обиколница, институциите си ја префрлаат надлежноста

Ова е скопската обиколница. За десет години откако е пуштена во употреба претрпе многу поправки и реконструкции, но возачите кои со голема брзина се движат по неа се уште ги демнее опасност.

Извадени шахти го загрозуваат животот на возачите кои секојдневно ја користат оваа делница. 

Тоа можело да биде кобно за Гоце Касаповски, кој за малку избегнал сообраќајна несреќа на овој потег.

“Возев во средната лента, меѓутоа некои две коли возеа брзо па јас морав да одам на споредната лента и случајно приметив. За малку избегнав сообраќајна несреќа затоа што има извадени шахти. Не ги броев, ама има сигурно преку 10-15. Дупки се внатре и постои голема опасност по сообраќајот”

Не е познато колку време шахтите стојат отворени на скопската обиколница, но загрижува што институциите немаат одговор кој треба да ја отстрани опасноста. 

Од Јавното претпријатие Државни патишта се оградија од проблемот. 

“Одржувањето на шахтите е во надлежност на инвеститорот на инсталацијата и од тие причини ве упатуваме одговор да побарате од локалната самоуправа. Ингеренциите на Јавното претпријатие за државни патишта за одржување на државен пат во населено место се однесуваат исклучиво на асфалтниот коловоз”

Одговор немаа ни од Градот Скопје.

“Од Управата на главниот град велат дека обиколницата не е во нивна надлежност, изразувајќи уверување дека сепак, нејзиното одржување е под капата на Државни патишта”.

Последен пат скопската обиколница беше темелно обновена по поплавите во 2017 година.