Македонија
14. December 2019 - 16:38

Отстранета дивата населба под скопското Кале

Импровизираните картонски куќи под Кале повеќе нема да бидат живеалиште за 14 семејства од ромска националност. Багерите денеска го чистеа теренот а 80 лица на кои ова место им беше дом зимата ќе ја поминат во топли станбени објекти на Министерството за труд и социјална политика. Дивата населба според градските власти била и еден од поголемите загадувачи на Скопје поради палењето на пластика, гуми и друг отпад во вечерните часови.

- Ги сместивме во капациенти на министерството, со тоа ќе овозможиме децата да одат на школо а возрасните да ги вклучиме во системот на социјална заштита. Дел од нив можат и да работат сезонски преку општините и да бидат вклучени во економијата, вели Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

- Ќе видиме на кого е ова место за да може во иднина да го облагородиме, да не може повторно овде да се вратат овие луѓе и да живеат, вели Петре Шилегов градоначалник на град Скопје.

Градежната механизација ќе има доста работа за да го исчисти теренот како и ѓубрето околу него. Дел од граѓаните кои живееле таму велат дека сега е убаво во топол дом. Други, пак, не сакаат да одат во сместувачките капацитети.

-Во Визбегово сум, имаме клима, топло е, децата одат на школо, а јас работам

-Не не одам таму, ќе одам во Шутка па нека ми падне покривот над глава..

Скопскиот градоначалник признава дека оваа дива населба и депонија е само една од повеќето кои го загадуваат градот. Вели дека работат интензивно на нивно расчистување но и на казнување на правни и физички лица кои не ги почитуваат законите и влијаат на загадувањето.

-Ќе работиме на трите голем идепонии во Бутел, Лисиче и Ѓорче, засилени се и постојано се на терен инспекциските служби, има многу казни и нивниот број постојано се менува, вели Шилегов.

Во градскиот инспекторат во моментот има вработено 60 лица и според Шилегов тие работат 24/7.