Македонија
15. December 2017 - 16:50

Оставките на членовите на ДИК на дневен ред во Собранието на 25 декември

На 25 декември ќе бидат констатирани оставките во ДИК. Информацијата утрово Џафери им ја соопштил на членовите на Комисијата кои ги повикал на состанок откако собраниските служби констатирале дека нема формално-правна пречка да се стави крај на нивниот мандат. Членовите на ДИК и денеска не се достапни за коментар. Само членот Сашо Срцев за Сител потврди дека добил покана од Џафери но дека не отишол на состанокот.

Оставките во ДИК доаѓаат во време на засилени напори за решение на спорот за името. Официјалниот став на власта е дека било кое решение ќе мора да биде ставено на референдум, за чие одржување пак, потребна е нова Државна изборна комисија. Сепак, Џафери за Алсат вели дека при евентуален предлог за решение на спорот за името, Собранието има полн капацитет да одлучи наместо граѓаните

Џафери е втор функционер на ДУИ кои ја отвора можноста името да добие решение без референдум. Претходно, со слична изјава излезе и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, но веднаш ретерираше, оправдувајќи се дека не бил добро разбран од јавноста при тоа јасно потенцирајќи дека името ќе се решава на референдум.