Македонија
22. јуни 2021 - 16:44

Османи се надева на одлуката од Радев

Шансите за почеток на преговори со ЕУ во јуни постојат, но се сведени на теорија. Шефот на македонската дипломатија не ја губи надежта дека пресврт и позитивна одлука за Македонија е можна во наредните денови.
 
Ваквото размислување го темели на воспоставениот дијалог со Софија, но и на гласната поддршка од останатите 26 земји членки. Сепак, признава Османи, политичката состојба во Бугарија значително ја отежнува ситуацијата.
 
“Можноста е теоретска на 24-ти и на 25-ти на Самитот на лидери, имајќи предвид дека во моментов во Бугарија има комплексни политички услови. Единствено претседателот на државата има целосен политички мандат. Тоа е можност и да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самит на лидери”.
 
Во Софија разменивме идеи за сите отворени прашања, вели министерот, но се уште немаме сигнали дека нешто од нив е прифатливо. Прашањата за македонскиот идентитет се опфатени со португалскиот предлог, за кој и натаму сметаме дека е добра основа за решение, подвлече Османи.
 
Загриженост и разочараност од исходот во Луксембург изрази и неговата шведска колешка Линде. По денешната средба со Османи во Скопје истакна дека бугарското вето е грешка и дека Унијата треба да си го исполни ветеното.
 
Советот на општи работи на ЕУ и нејзиниот исход беше тема и на средбата на премиерот Заев со амбасадорите од Вишеградската група. Полска, Унгарија, Словачка и Чешка изразиле надеж дека португалскиот предлог ќе биде доволен за постигнување на договор и за конечен почеток на преговорите за Македонија со ЕУ.