Македонија
18. January 2021 - 16:38

Османи и Димитов ќе одговорат на поканата од Милошоски

Премиерот очекува Димитров и Османи да се договорат со Милошоски за термин во кој ќе може дипломатскиот двоец да реферира за текот на преговорите со Бугарија. По неколку неуспешни обиди опозицијата конечно ќе добие шанса директно да го праша шефот на дипломатијата и вицепремиерот задолжен за европски прашања со тоа што се преговара со Бугарија. Премиерот Заев вели дека не знае што тие ќе му презентираат на Собранието, но има свои претпоставки.

Министерот Османи денеска не одговори на прашањата на Сител па се уште не се знае дали ќе го послуша Заев и ќе седне пред пратениците во комисијата која ја води Милошоски или пак ќе се реши да реферира пред комисијата за Европски прашања која ја предводи негов сопартиец од ДУИ.

Милошоски вели дека од одлуката на Османи ќе зависи дали власта има сериозна намера да внесе доза транспарентност во процесот или како што рече, ќе покаже страв од критиките на опозицијата.

Милошоски направи обид пред пратениците да го донесе и вицепремиерот Димитров но тој одби да дојде на комисијата за надворешна политика по што опозицијата му поднесе интерпелација. Џафери ја стави на дневен ред на денешната седница но очекувањата се дека расправата за неа нема да почне пред крајот на оваа недела.