Македонија
12. May 2021 - 19:55

Османи го пречека унгарскиот колега Сијарто

Ставовите на новата техничка Влада во Бугарија не го обесхрабрија дипломатскиот врв. Министерот Османи и натаму оптимист дека преговори со ЕУ во јуни се можни, доколку официјална Софија се реши за посуштински дијалог во наредниов период.

“Се уште верувам дека постои можност да се влезе во разговори со БГ влада, бидејќи Бугарија веќе даде зелено светло. Консензус има, треба само да се усогласи текстот на преговарачката рамка”.

Шефот на унгарската дипломатија со јасен став допатува во Скопје. Секоја земја која е во НАТО ја заслужува довербата за биде и дел од ЕУ, а Унгарија ќе направи се, за тоа да се случи што побргу.

“Ставот на унгарската Влада е Македонија мора денес, најдоцна утре да ги почне преговорите. Секоа друго прашање е второстепено...”

Сијарто одвои време и за опозицијата. Иако се согласиле за што побрз старт на преговорите со ЕУ, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски на Сијарто му се пожалил дека Македонија секој месец трпи назадување на сите полиња, а особено во борба против криминалот, владеењето на правната држава и економијата.

Директен повод за денешната посета на Сијарто на Скопје беше донацијата од шест илјади “Астра Зенека” дози, наменети за потребите на македонските гранични служби. Со оглед на тоа дека во земјава тие не смеат да се аплицираат на лица помлади од 60 години, граничарите ќе се имунизираат со вакцини од друг производител, а оваа донација ќе се пренамени за соодветните старосни групи.