Бизнис
21. September 2021 - 16:44

Оризопроизводителите три часа го блокираа патот Штип - Кочани

Со 3 часовна блокада на магистралниот пат Штип – Кочани, која резултираше со километарска колона од тешки возила кои не можеа да ги користат заобиколните патишта, оризопроизводителите од Кочанско го искажаа револтот заради ниската откупна цена на оризовата арпа од 15 до 18 денари за килограм.

-Со цената што ја нудат откупувачите, само нив ги богатиме, а нам не ни остануват пари ниту за гол живот. Не можеме повеќе ниту да просперираме, ниту да работиме. Ќе ни останат тракторите во дворовите, а нивите необработени. Одам по цело поле, од Оризари до Теранци, веќе 40 % од полето не е посеано, догодина ќе биде 80 %- изјави Трајчо Јованов, оризопроизводител од с. Горни Подлог.

Дополнително, пред самиот старт на жетвата, откупувачите не се заинтересирани за откуп, а доколку и откупат помали количини, бараат тоа да биде на одложено плаќање.

-Велеа, на 20 дена, па на 3 месеци, па сега и 3 месеци им е малку. Значи ние сега да го продадеме оризот, пари нема да земеме никогаш-додаде Јованов.

Иако беше најавена блокада со земјоделска механизација на едната коловозна лента, земјоделците спонтано со жив штит ја запоседнаа и втората лента. Во знак на револт на патот беше истурена и вреќа со ориз и најавија радикализација на протестите доколку не се исполни нивното барање, откупната цена на оризовата арпа да биде помеѓу 25 и 30 денари.

-Еден шлепер (ориз) ќе однесеме пред Владата во Скопје, како грозјето што го истурија- изјави оризопроизводител.

Годинава под ориз се засеани близу 4000 ха, а од одгледување на оваа култура егзистираат околу 10 000 семејства.