Македонија
9. December 2019 - 16:37

Опозицијата и власта во кавга за уништениот инсулин: Дали бил квалитетен или од паралелен увоз?

Трет ден ВМРО ДПМНЕ го обвинува министерството за здравство дека уништиле инсулини со валиден рок уште половина година вреден 1,5 милиони евра за да распишат нов тендер. Од опозициската партија тврдат дека станува збор за инсулин произведен од една од најреномираните светски компании, а надлежните вратија дека инсулинот бил со сомнително потекло набавен преку паралелен увоз од претходната власт.

-Светската практика покажува дека нема инсулин со валиден рок постар од две години. Ако се земе предвид дека рокот на употреба истекувал дури 6 и 7 месец 2020 година, а ваквите производи имаат 2 години рок на употреба од производството на истата серија, тогаш испаѓа дека увозот на овој инсулин бил произведен најрано во 6 и 7 месец 2018 година. Ова е период кога СДСМ е на власт, изјави Марија Андоновска од ВМРО ДПМНЕ.

Од министерството за здравство одговорија дека ВМРО ДПМНЕ шири невистини и манипулира. Немало нов тендер, а уништен бил турски инсулин од стоковите резерви.

-Станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на претходната влада, без проверен ладен ланец, без познато потекло и без оригинал сертификати. ВМРО-ДПМНЕ знаеле за ова. Должни се да одговорат зошто си играле со здравјето на пациентите?

Нов тендер за набавка на инсулини НЕМА, затоа што за тендерот од 2018 година веќе се склучени договорите. Количините од стоковите резерви не се никако поврзани со количините за тендер, се вели во реакцијата од Мз.

Одлуката на Владата за уништување на инсулините ја поздравија и од Сојузот на Здруженија на Дијабетичари на Македонија од каде преку соопштение повикаа да се продолжи со уништувањето се до последното инсулинско пенкало набавено преку паралелен увоз од трети земји.