Македонија
27. May 2022 - 16:37

Опозицијата го обвинува Џафери дека провоцира инциденти, но нема да дозволат ескалација

Со срамното и примитивно однесување спикерот Џафери сака да предизвика инцидент налик на оној од 27 април во Собранието. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги коментира последните настани во законодавниот дом по снимката со навреди од Џафери кон вработените и заклучувањето на опозициските пратеници во собраниската сала. Но вели дека опозицијата сега е многу поискусна и нема да дозволи овие инциденти да ескалираат.

Мицкоски потврдува дека активната блокада на Собранието нема да запре се до распишување на предвремени избори, но тоа нема да значи блокирање на законските решенија кои се од интерес на граѓаните. Покрај ова и најавениот анти-владин протест закажан за 18 јуни, Мицкоски вели дека опозицијата подготвува и други чекори за кои ќе информираат следниот период.

По двата инциденти во Собранието ВМРО-ДПМНЕ најави интерпелација за работата на спикерот Џафери, а за неговото однесување побара да се расправа и во комисијата за мандатно имунитетни прашања.