Македонија
27. October 2015 - 17:06

Одложено судењето за „Јустиција“

Стресот доживеан при апсењето предизвикал сериозни здравствени проблеми кај дел од  обвинетите судии и судски службеници од Одделот за прекршоци.

Почетокот на судењето за случајот „Јустиција“ е повторно одложен поради отсуство на две обвинети кои се хоспитализирани и тешко болни. Нивните адвокати побараа и смена на јавниот обвинител, против кого тие поднеле кривична пријава за злоупотреба на службената положба.

„Побарано е изземање на Јавниот обвинител од причина што против истиот  токму за овој предмет за водење на истрагата има поднесено кривична пријава од наша страна, а во интерес на клиентите, затоа што уште тогаш судиите с е повикаа на имунитет, нешто што ниту обвинителот ниту судијата на претходна постапка не го почитуваа. Од таа причина поднесовме кривична пријава за злоупотреба на службената положба, но до денес не е решена. Од таа причина бидејќи има отворена кривична пријава и сомневање за сторено кривично дело, баравме негово изземање и ќе видиме Вишиот јавен обвинител како ќе реши, рече адвокатот Звонко Давидовиќ.

Во големата акција „Јустиција“ која се случи во октомври минатата година беа уапсени 14 судии и 11 судски службеници од Одделот за прекршоци, кои се товарат за несовесно работење. Наместо на извршување, казнените пресуди со годин ги чувале во фиоки се до нивно застарување со што го оштетиле буџетот за повеќе од 1 милион и 300 илјади евра.

За време на истрагата обвинителството склучи спогодба со 7-мина обвинети, додека за тројца активни и еден пензиониран судија, како и за еден судски службеник ја запре постапката, бидејќи било утврдено дека со своите постапки тие не направиле кривично дело, по што истите беа вратени на работа.