Loading Video...
Кошарка
28. September 2020 - 16:27

Одложен стартот на сезоната во кошаркарскиот шампионат на Македонија

За седум дена е одложен почетокот на новата сезона во македонскиот кошаркарски шампионат. 
 
Наместо на 3 октомври новата натпреварувачка сезона (2020/2021) во Првата лига-мажи ќе почне седум дена подоцна, односно на 10. октомври.
 
Ова е одлуката која на заедничкиот состанок ја донесоа раководството на федерацијата и претставниците на прволигашите. Двете страни заклучија дека поради актуелниот момент, потребно e одложување на стартот на новата сезона за седум дена, се вели во краткото соопштение на МКФ, без притоа да се елаборира одлуката. 
 
Причината е повеќе од јасна, а тоа е кошаркарот на Работнички, Американецот Демиер Питс, за кој пред шест дена од клубот потврдија дека е позитивен на Ковид-19, по што целиот тим на Работнички е во изолација. 
 
Од канцеларијата на МКФ засега без официјална информација дали првенството ќе се игра според предвидениот систем 26 кола (дома-гости) во првиот дел пред формирањето на Супер и Плеј-аут лигата или можеби федерацијата ќе се реши на друг (турнирски) формат.