Loading Video...
Македонија
11. јуни 2021 - 16:38

Одговорот до Стразбур за помилувањата од Иванов подготвен на 60 страници

Државата ќе го испочитува рокот, кој истекува денес, и до крајот на денот ќе достави одговор до Судот во Стразбур во врска со помилувањата од поранешниот претседател Иванов. Министерот за правда не откри детали од материјалот, но вели дека подготвиле образложение од шеесетина страници и уште илјадници страници доказен материјал, со што ќе се обидат да го одбранат владеењето на правото пред Европскиот суд за човекови права.

„Во овој момент не би кажал ништо повеќе од ова. Она што можам да го кажам е дека навистина интензивно се работеше на подготовка на овој одговор со сериозен стручен правен тим и домашни и странски експерти кои што мислам дека го извлекоа максимумот и јас, ете, можам да кажам дека со мирна совест го проследуваме одговорот денеска до Стразбур”, вели Бојан Маричиќ, министер за правда.

За правните експерти е најважно што Судот ќе ја оцени законитоста на постапките на сите органи.

“Тоа е еден многу сериозен процес и процес каде што ќе бидат многу работи елаборирани и јас само би укажала дека тука мора и ќе се цени законитоста на постапувањето на сите органи посебно, вклучувајќи го и претседателот или поранешниот претседател на државата и до колку се утврди одредено незаконито постапување тука би требало да биде крај на постапката”, вели Маргарита Цаца Николовска, правен експерт.

Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов донесе одлука за помилување на вкупно 56 лица за кои Специјалното јавно обвинителство покрена постапки. Кратко потоа Иванов ја поништи одлуката.
Дел од помилуваните, меѓу кои се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, екс министерите за внатрешни и за транспорт, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески како и уште неколку поранешни функционери, сметаат дека не е правно издржано повлекувањето на аболицијата и затоа не треба да им се суди.

И тие и државата ќе имаат уште по една можност да ги образложат своите аргументи, пред Стразбур да донесе пресуда.