Македонија
9. May 2021 - 16:32

Одбраната на Камчев обвинува за неоснован притвор и најавува меѓународен мониторинг

Белешката од АНБ е единствениот доказ врз кој е определен притвор за Камчев како осомничен за случајот „Плацеви на Водно“. Според адвокатот Менкиновски документот не може да се користи како доказ во судска постапка, бидејќи е спротивно на законот за национална безбедност. Обвинува и дека судот се уште не им ја дал белешката на увид.

За одбраната е несфатливо зошто Камчев бил во фокусот на АНБ и на кој начин би ја загрозил националната безбедност, бидејќи не бил лице со сомнителен профил, туку бизнисмен.

Рускоска не сакаше да го коментира случајот. Од ОЈО велат дека не коментираат изјави на адвокати. Но тврдат и дека имале докази кои укажуваат на тоа дека Камчев можел да избега.

- Во 2018 година како мерка за обезбедување присуство на осомничениот му беа одземени патните исправи, но сознанијата со кои располага обвинителството упатуваат на тоа дека претходно изречената мерка не е доволна за негово обезбедување. За таа цел, надлежниот обвинител со Предлогот за определување на мерката притвор достави и докази што упатуваат на опасност од бегство и кои беа доволни судијата на претходна постапка да ги прифати и на лицето да му определи мерка притвор.  Воедно, напоменуваме дека одбраната има право да дава изјави кои според нејзино мислење ја поткрепуваат нивната теорија на случај, но обвинителството нема да се впушти во коментари на тие изјави, велат од Обвинителството.

Одбраната бара фер постапка пред објективен и непристрасен суд во земјава, а вели и дека се поизвесен е меѓународниот мониторинг врз случајот.

Камчев е во притвор од 14 март. Освен тој, за „Плацевите на Водно“ осомничени се и неговата мајка Ратка Камчева, поранешниот премиер Гуревски, екс директорот на УБК Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.