Македонија
22. April 2021 - 16:42

Од септември само четврто-одделенците ќе учат од дигитални учебници

Четвртооделенците од следната учебна година ќе учат од дигитални учебници. Тие ќе имаат нова програма, за која старите учебници нема да се применуваат. Дигитализацијата ќе се воведува етапно и ќе стартува од нив, а целосно образовниот систем ќе се дигитализира за 5 години. Министерката Царовска не отстапува од реформата, и покрај притисокот од јавноста. Вели дека сегашните учебници не се усогласени со програмите и го немаат потребниот квалитет.

- За прво одделени учебниците се, исто така, нови, зашто имаме и нови програми. Тие ќе добијат печатена верзија од четирите задолжителни предмети, но не значи дека нема да можат да користат и други дигитални алатки зашто светот тоа го бара – изјави Царовска. Училиштата во текот на летото ќе се опремуваат со библиотеки со дигитални уреди за учениците кои ги немаат.  Ученик кој не ќе може да користи  дигитален учебник ќе може да има печатен, ако е од ранлива група на семејство ќе го добие од училиштето, а ако не е, самостојно ќе го отпечати.

-Еден млад човек кога ќе го прашате за некој податок тој не оди во библиотека да бара туку го отвора својот смарт телефон и на Википедија бара податоци тоа е современиот свет. Знам дека е тешко да се прифати дека на хартијата и моливот им се намалува вредноста и дека светот се дигитализира, но тоа е иднината изјави Царовска.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинија дека со укинувањето на печатените учебници министерката ја  спроведува најголемата социјална поделба во земјава. Образованието веќе нема да биде бесплатно и ќе се зголеми социјалната нееднаквост меѓу учениците.

- Со оглед на тоа дека и самата Царовска кажува дека 1.300 ученици немаат струја, стотици ученици учат алтернативно, на телевизија и со земање печатени материјали од училиштата, стотици немаат уреди за следење на онлајн настава, таа треба да е сосема свесна дека околу 25.000 ученици остануваат на милост и немилост на судбината и финансиската немоќ на нивните родители, од проста причина што овие ученици се припадници на најранливите категории на граѓани.

Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца.

И директорите од струшките училишта предупредија дека дигиталниот начин на следење настава ќе претставува голем проблем а здруженија на средношколци најавија протетси доколку реформата се реализира.

Дали од септември ќе продолжи онлајн наставата или пак учениците ќе се вратат во училниците Царовска вели дека зависи од епидемиолошката состојба и препораките на Комисијата за заразни болести и Министертсвото за здравство.

Од први мај ќе стартува електронскиот упис на првачиња. Но останува и досегашниот начин за пријавување.