Македонија
23. September 2021 - 16:43

Од понеделник трета доза вакцина и во Македонија

Од понеделник трета доза вакцина против Ковид можат да примат граѓаните над 60 години, сите здравствени работници и пациентите со сериозни имунолошки заболувања. Ваква препорака даде Комитетот за имунизација. Боцкањето ќе биде само со Фајзер, а од втората вакцина треба да поминале 6 месеци.

- Сите граѓаните кои примиле втора доза во моментот кога ќе поминат шест месеци ќе добијат на СМС порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина. Нема потреба да се заминува во странство за трета доза вакцина. Даваме препорака врз основа на искуства од други земји и меѓународни институции кои се тие категории граѓани кои треба да се вакцинираат, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче најави и скрининг во основните и средните училишта за да се види каква е состојбата со ширењето на коронавирусот во образновните установи. Децата ќе бидат тестирани со брзи антигенски тестови за Ковид-19, но претходно треба да има согласност од родителите. Како ќе се спроведува ова и кои ученици и училишта ќе бидат опфатени ќе биде прецизирано до крајот на месецот.

- Следните денови детално ќе ја презентираме методологијата за скринингот за тестирање на учениците во основните и средните училишта. Факт е дека има тука одредена трансмисија, многу мала, меѓутоа сакаме да направиме скрининг на состојбата поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители, додаде Филипче.

Министерот најави и сериозна анализа за високата смртност на пациентите со Ковид., бидејќи според досегашните сознанија 73 проценти од починатите имале по најмалку 2 хронични заболувања.

За информациите дека во вакцинални пунктови во некои општини вработените земале пари од граѓани само да издадат сертификат без да аплицираат вакцини, Филипче рече дека не бил запознаен со такво нешто и повика ваквите слкучаи да се пријават за да се санкционираат.

Опфатот на вакцинација досега е 37 проценти, а во земјава има 400.000 вакцини од Фајзер, Синовак и Астра Зенека, а наредните денови се очекува донација со 250.000 дози Џонсон од Данска.