Македонија
27. January 2022 - 17:05

Од денеска на сила новите рокови за изолација, ќе важат и за оние кои имаат решенија

Новата одлука за кратење на периодот на изолација ќе важи и за лицата кои изминатите денови добиле позитивен тест. Доколку немаат симптоми, а денеска им е 7 ми ден откако се тестирани, имаат решение за изолација и се влезени во системот од утре можат да излегуваат од дома или да одат на работа.

Иако првично од министерството одговорија дека новите мерки ќе важат за новите Ковид случаи, попладнето информацијата беше корегирана.

Токму за да нема забуна во јавноста Сител денеска побара изјава од министерот Беким Сали јавно да ги образложи мерките, по кој основ се донесени, каков ефект очекуваат и кој ќе контролира, од неговиот кабинет ни одговорија дека биле презафатени со  состаноци.

Професорот Никола Пановски вели дека како и досега, почитувањето и на овие мерки е оставено на совеста на граѓаните. Во најголемиот Ковид бран со ограничен број тестови и термини за лаборатории луѓето се оставени сами да се снаоѓаат. Тој смета дека со толкав голем број заразени дневно не може да се контролира почитувањето на мерките.

- Тоа е сепак индивидуално кој како ќе се однесува, морам да кажам дека на овој број не може да се следи епидемиолошката состојба, ни да се контролира кој ги почитува мерките. Бројот е огромен и не се 2500 дневно, кај нас е сигурно е 10.000 дневно, изјави професорот Никола Пановски, професор по микробиологија.

Во однос на одлуката вакцинираните и прележаните до 6 месеци да не одат во карантин доколку имаат контакт со позитивен, професорот Пановски е категоричен дека во сегашната ситуација со толку голема распространетост на Омикрон ирелевантно е да се зборува за сертификати кога и вакцинирани и прележани го шират вирусот.

- Нема никаков ефект сертификатот во оваа ситуација. Мислам и на ниво на цел свет треба да се укинат тие сертификати, категоричен е професорот Пановски.

Владата вчера донесе одлука да се скрати периодот на изолација за асимптоматските случаи од 10 на 7 дена, а лицата кои имаат симптоми од 21 на 10 дена доколку последните 3 дена немаат покачена температура. Исто толку време треба да носат и маски со поголема заштита.