Македонија
17. September 2021 - 16:37

Обвинителството за организиран криминал и корупција почна со увидот во документацијата за модуларните болници

Обвинителството за организиран криминал и корупција почна да ја проверува документацијата за модуларната болница во Тетово. Рускоска сè уште не открива ништо конкретно бидејќи проверката штотуку започнала, но вели дека документите ги доставиле и до германските експерти, кои од вчера се вклучија во истрагата за пожарот, во кој изгоре Тетовската модуларна болница, а животот го загубија 14 лица.

Обвинителството пред три дена ги доби документите од Бирото за јавни набавки, а вчера доцна попладне ја комплетирале документацијата со материјали, кои ги добиле од Министерството за труд и социјална политика.

Во врска со обвинувањата од опозицијата дека истрагата не е објективна и кредибилна, министерот за правда вели дека власта воопшто не се меша во истрагата, туку само помага.

Обвинителството за организиран криминал и корупција е надлежно само во делот на јавните набавки. Ќе проверува дали се испочитувани процедурите за оваа јавна набавка, со оглед на тоа што била спроведена со посебен закон донесен од Владата. За сите останати работи во врска со истрагата за несреќата се надлежни Тетовското и Скопското Обвинителство.