Македонија
25. October 2021 - 16:36

Обвинителството одлучува - дали професорот од Бутел кривично ќе одговара?

Обвинителството ќе одлучува дали наставникот кој физички малтретираше седмоодделенец во училиште во Бутел кривично ќе одговара. По извршените разговори со наставникот, класниот, директорката, детето и родителите МВР случајот го предаде на Јавното обвинителство.

- Во врска со случајот во училиштето „Панајот Гиновски“ ве известуваме дека по добиената пријава се преземени неопходните мерки и активности за расчистување на случајот, извршен е разговор со лица поврзани со случајот и по насока на Јавен обвинител ќе биде доставен соодветен поднесок до надлежното обвинителство, информираа од МВР.

Од обвинителството велат дека во оваа фаза од постапката за конкретниот случај од страна на јавен обвинител дадени се насоки за понатамошно постапување.

Од утринава во училиштето вонреден надзор вршат и инспектори од Државниот просветен инспекторат.

- Просветните инспектори по целосно запознавање со случајот при направениот инспекциски надзор ќе сочинат инспекциски акт за што ќе бидете информирани во текот на утрешниот ден, изјави Јане Николовски, портпарол на ДПИ.

Дали заседавала дисциплинската комисија во училиштето и каква одлука донеле, и покрај обидите не успеавме да добиеме одговор од директорката на „Панајот Гиновски“.