Македонија
28. January 2020 - 16:31

Обвинителот Бурим Рустеми го потврди однесувањето на Катица Јанева во случаите „Империја“ и „Поштенска банка“

Катица Јанева бараше олеснување на положбата на обвинет во случајот „Поштенска банка“. Вака денеска пред судот сведочеше обвинителот од поранешното СЈО, Бурим Рустеми за предметот „Рекет“. Откри дека по барање на Јанева не бил замрзнат имот на осомничениот Томе Главчев. На нејзин предлог му бил вратен и пасошот. Барањето за затворање на случајот „Поштенска банка“ било најголемото изненадување за Рустеми. По распитот, обвинителот не сакаше да говори за исказот во судницата ама најави дека привршува истрагата за предметот.

„Истрагата за „Поштенска банка“ е доделена за работа, истата се работи. Се надевам дека брзо ќе финишира истрагата. Има уште неколку месеци“, изјави Бурим Рустеми, Обвинител.

Во декември лани, пред судот сведочеше и бизнисменот Главчев. Се пожали на одност од истражителите на СЈО и рече дека е скаран со својата сограѓанка Катица Јанева. Платил реклама во телевизијата на Боки 13 кој му рекол да биде спокоен за „Поштенска банка“ бидејќи во случајот бил колатерална штета.

Јанева и нејзиниот адвокат немаа прашања за обвинителот Рустеми. Од неговиот исказ било јасно дека специјалната обвинителка не влијаела при водењето на предметите.

„Практично, начелниот правен став на Врховниот суд влијаел во овие предмети, „Поштенска банка“ и „Империја“,  да се почне да се размислува за некаква соработка со таму осомничените“, изјави Ирена Фрчкоска, Адвокат на Катица Јанева.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара одговорност за судијата кој во својот исказ го посочи обвинителката Лиле Стефанова .

„Ако се точни сведочењата во „Рекет“, Кацарска треба да одговара Кривично и да лежи  затвор. Сведочењето на Лиле Стефанова отвори сериозен сомнеж како функционирало Луј Витон судството на Зоран Заев или народски познато Кацарска судство“, изјави Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, случувањата во „Империја“ отвориле сомнеж дека предметот бил опструиран со поткуп на обвинители и политички притисоци.

„Со повикот на ВМРО-ДПМНЕ да се разрешуваат судии, партијата уште еднаш докажа дека и пречи случајот „Империја“, во кој главен осомничен е тајкунот на режимот, Орце Камчев. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, преку своите инсталации во правосудството од времето на режимот, како и преку обвинети и осомничени лица, преземаат секакви активности само да и наштетат на правната држава и да го загрозат владеењето на правото“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Судењето за „Рекет“ продолжува утре со исказ на четворица сведоци.