Македонија
6. July 2020 - 17:00

Обвинителот Бубевски заразен, Фетаи во изолација

Обвинителот Гаврил Бубевски од поранешното СЈО е заразен со коронавирус. Информацијата за Сител ја потврди неговата колешка Фатиме Фетаи која појасни дека и таа е во изолација бидејќи во текот на минатата недела два пати била на судење со Бубевски за кого викендов се потврдило дека е позитивен на Ковид-19. Фетаи открива дека нејзиниот колега немал симптоми а во следните денови и таа ќе прави тест за корона.

Фетаи и Бубевски сега се дел од скопското Јавно обвинителство од каде потврдија дека двајцата обвинители не се на своите работни места. Дома останале и вработените што имале контакт со нив, а ќе подлежат и на тестирање.

Од кривичниот суд велат дека не е побарана изолација за судиите кои биле минатата недела на рочишта со двајцата обвинители. Фетаи и Бубевски последен пат во судница биле во петокот за предметот Монструм каде присустувале четворицата обвинети, двајца судии придружувани од тројца поротници и повеќемина роднини на убиените момчиња.

Судењето за овој случај требаше да продложи утре.

„Ја информираме јавноста дека заради најавено отсуство на надлежниот обвинител, расправата насрочена за 06.07 се одлага. Следната расправа е насрочена за 26 август за што се известени странките во постапката“, пишуваат од Кривичен.

Заради судии кои се заразени со корона, подолг период не се одржуваат рочишта и во скопска апелација.

„Трета недела по ред кривичарите од Апелациониот суд не одржуваат судења.. За следните седум дена се одложени вкупно 13 јавни седници“.

Судења во кривичниот оддел во Апелација не се одржуваат од 23 јуни откако двајца судии пријавиа дека се заразени со коронавирус.