Балкан
15. April 2021 - 16:43

Објавен планот на Јанша за нови граници на Балканот

На Балканот се кројат нови граници, а документот со предложените решенија ги објави словенечки портал „Нецензурирано“. Во неофицијалниот дипломатски документ се зборува за поделба на БиХ, припојување на Република Српска кон Србија и за обединување на Косово со Албанија. Според порталот, „нон пејперот“ до Брисел го испратил словенечкиот претседател Јанез Јанша, но сметаат дека е напишан во Будимпешта, а Јанша само го препраќал на разни адреси.

Според нивните информации документот насловен како „ Западен Балкан - патот напред“ во февруари пристигнал до кабинетот на претседателот на ЕС Шарл Мишел, но до сега никој не ја потврди оваа информација. Авторите на документот сметаат дека моментално е тешко да се замисли европска перспектива за Србија и Косово, членството на БиХ во ЕУ може во потполност да се исклучи, а во меѓувреме Турција го искористила празниот простор за да зголеми влијанието во БиХ и С. Македонија.

  Решенијата кои ги предлагаат се: Обединување на Косово и Албанија ( На Косово 95% од населението сака да се припои со изворната албанска нација. Слична е ситуацијата и во Албанија. Граница меѓу Албанија ( членка на НАТО) и Косово практично не постои. Српскот дел од Косово добил посебен статус- по примерот на „Јужен Тирол“) .

 „ Српското национално прашање може во голема мера да се реши со припојување на дел од Република Српска со Србија. Во овој случај, Србија е подготвена да се сложи со обединувањето на Косово и Албанија“.

„Хрватското национално прашање може да се реши со спојување на поголем број кантони во БиХ со Хрватска или со давање посебен статус хрватскиот дел од БиХ( по примерот на Јужни Тирол) “. „ Ова на Босанците би им дало независна функционална држава и би преземале целосна одговорност за неа. На референдум луѓето би одлучиле дали ќе се приклучат во ЕУ или иднина надвор од ЕУ( следејќи го примерот на Турција). Засега, поголемиот број Босанци ја поддржавуваат ЕУ перспективата, но при нагло зголемување на турското влијание и радикалниот ислам, ситуацијата би можела драстично да се влоши во следната деценија“.

За новата карта на Балканот претседателот на Србија не слушнал воопшто. Истото го тврди и претседавачот на Претседателството на БиХ Милорад Додиќ иако според него најдобро решение е да мирно да се раздвојат наместо со војна и истакна дека БиХ се руши и затоа Србија ќе мора нешто да каже .

За разлика од нив, вицепремиерот Артан Груби смета дека е непотребно за вакво нешто да се разговара кога сите во регионот имаат иста желба да влезат во ЕУ. Со сличен став е и пратеникот од ВМРО ДПМНЕ кој е меѓународен секретар на партијата. 

Со овие решенија авторите на нон пејперот сметаат дека би се забрзале преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО. Во документот кој го објави словенечкиот портал е наведено дека за носење на стратешките одлуки за сега најспособни  се политичарите во Србија, Хрватска и Албанија кои во моментов имале најстабилни влади.