Македонија
4. December 2020 - 19:31

Нула напредок на историчарите: Бугарија ја забранува придавката македонски, историчарите спротивставени и за Цар Самоил

Нула напредок во работата на мешовитата историска комисија. Пречките од техничка и од суштествена природа. Бугарските историчари не дозволуваат придавката “македонски” да се користи во ниту еден записник од работата на Комисијата, а нема напредок ниту по прашањата од историјата.

“Тука главен проблем е употребата на придавката ‘македонски’, бидејќи постои различно толкување на Преспанскиот договор. Употребата на придавката ‘македонски’ од страна бугарските колеги е лимитирана целосно, без оглед како е тоа запишано во Преспанскиот договор и како тоа се толкува од наша страна. Бугарските колеги тоа почнаа го практикуваат по 6. средба, иако ние не бевме информирани, ниту бевме консултирани“

Непотпишувањето на записниците го потврди и шефот на бугарскиот тим историчари, констатирајќи го фијаското од последната средба.  

„Резултатот од 11-та средба е нула. Немаме направено ниту минијатурен чекор. Една од причините за тоа, иако изгледа техничка, сепак е политичка. Од 9-та средба наваму нашите колеги од македонската страна одбиваат да ги потпишат записниците. Тие настојуваа насекаде да се стави “македонски”, а тоа не е во согласност со востановената практика”

Покрај техничкиот, кочница за договор има и во историскиот дел од разговорите. Бугарската страна наметнува единствено и споствено гледање на периодот за Цар Самоил, додека македонските историчари понудуваат поширок пристап на гледање на историјата.

Заедничката прес конференција продолжи со остри несогласувања и обвинувања меѓу копретседателите, а вината за непостигнувањето на договор се бараше и на политичко ниво.

На 11-та средба само половина час биле одвоени за револуционерот Гоце Делчев.

Она што е договорено меѓу двата тима историчари е посторна онлајн средба за наредната недела, на која уште еднаш ќе се бара решение за непотпишаните записници.