Македонија
7. February 2023 - 19:56

Ново одложување на судскиот процес за „Ласкарци“

Тргни-застани, вака тече судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци. Откако повеќе од една година се чекаше супервештачењето, сега нема кој да го презентира. Роднините се сомневаат за осмислено сценарио на одбраната за одолговлекување на рочиштето.

Судењето за несреќата кај „Ласкарци“, повторно заглави. Се разболел вештакот кој треба да одговори што ја предизвикало трагедијата, па се одложи рочиштето. Роднините се сомневаат дека постои спрега помеѓу судот и обвинетите, за како што велат, намерно одолговлекување на судењето.

„Денешното негово недоаѓање покажува дека се купува време со цел да се оддолжи овој процес и тој понатаму да не биде испрашуван од страна на обвинителствот. Од вселената се гледа дека ова е смислено сценарио од вештите лица. Вештото лице, т.н доктор по науки, преку ноќ се разболе, без да приложи документација и доказ до судот, иако според законот, уредно покането лице, кое и да било, треба да го оправда отсуството“, изјави Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица.

Од судот уверуваат дека ако во четврток не се појави вештото лице, процесот ќе продолжи со испрашување на другите кои го изработиле вештачењето. Тие пак досега имаа право од место да сугерираат на нивниот колега, постапка за која судските набљудувачи тврдат дека е незаконска.

„Законот за кривична постапка не предвидува можност за „тимско“ одговарање на прашањата што се поставуваат за конкретното вештачење. На овој начин се заобиколува можноста, странките директно и вкрстено да ги испитаат сите кои го изготвиле вештачењето“, велат од Колацијата Сите за правично судење.

Предметот „Ласкарци“ повеќе од една година го чекаше супервештачењето кое денеска немаше кој да го објасни. За несреќата во која загинаа 16мина обвинети се сопственикот на Дурмо-турс, вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот.