Македонија
18. January 2021 - 19:54

Ново одложување на гласањето за пописот

Пратеник од власта позитивен на корона, како и уште еден пратеник чии резултати се чекаат одново ја блокираа работата на парламентот. Собраниската седница започна дури по три часа доцнење откако власта не успеа да собере 61 пратеник кои ќе седнат во собраниската сала, па опозициската пратеничка група на Алијанса на Албанците и Алтернатива заради конструктивност влезе да го обезбеди кворумот. Но и тогаш работата на народните избраници не одеше лесно.

Власта обвинува дека за блокадата е виновна ВМРО-ДПМНЕ која свесно не ги прифатила измените на Деловникот со кои ќе се овозможеше пратеници што се во изолација да учествуваат на седниците од дома.

Од опозицијата пак, велат дека Собранието не може да работи поради тоа што мнозинството поседува само 62 пратеника, а се однесува самоволно како да има 100.

Поради недоволен број на пратеници во салата во петокот не се гласаше и по законот за попис иако дебатата по него заврши. За да помине законското решение потребни се 61 глас, кои власта ги има и со поддршка од албанската опозиција. Но, гласање немаше и денеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека законот не се гласа бидејќи има преговори меѓу коалициските СДСМ и ДУИ за штелување на пописните резултати, а не е исклучено вакво договарање да има и со албанската опозиција. Таму условот би бил и законот за државјанство, коментираат од опозицијата.

Гласањето за овој закон, според првичните информации од власта, треба да се случи најрано в среда.