Македонија
24. September 2020 - 19:36

Ново барање за легализација на марихуаната, Достовски доби условна казна

Четири години условна казна за Филип Достовски за поседување марихуана. Доколку тој во следните четири години повторно биде фатен со марихуана ќе заврши две години во затвор.

-Ова е може малку невкусно, но јас ќе им го повторам делото. Оваа пресуда значи дека утре треба да одам во затвор. Денеска ме пуштаат, а знаат дека делото ќе го повторам и утре, и задутре. Не само јас, туку илјадници луѓе во државата, вели Достовски.

Одбраната не е задоволна од пресудата бидејќи велат дека нема докази за недозволено производство. Според адвокатот Дуковски, тоа е исто како да се произведува ракија за сопствена употреба. Одбраната се темелеше на тоа дека канабисот кој бил пронајден во домот на Достовски го користел за лична употреба.

-Апсолутно ќе ја обжалиме оваа пресуда. Товарот на докажување дали некој сторил кривично дело е на Обвинителството. Ние сме невини по Уставот и по Законот за кривична постапка. Обвинителството не докажа дека тој произведувал за некој друг. Што е тоа недозволено производство?, вели адвокатот Сашо Дуковски.

Пред рочиштето, пред кривичниот суд се одржа и протест на кој се бараше ослободителна пресуда и декриминализација на рекреативната употреба на канабисот.

-Овој судски процес да биде чекор за промена во Кривичниот законик каде канабисот и марихуаната би се одвоиле од другите опојни дроги како што е во другите современи земји, вели Огнен Узуновски, претседател на здружението „ЗНАМ“.

Во домот на Достовски биле пронајдени 258 грама марихуана, но по три вештачења било утврдено дека само 78 грама содржеле ТХЦ, односно опојната супстанца во марихуаната. Канабисот, како што тврди неговата одбрана, била наменат за сопствена употреба, односно за производство на масло, бидејќи Достовски со години има карцином, а токму маслото му помага за ремисија на болеста.