Македонија
19. January 2017 - 16:32

Нови врнежи од снег во вторник

Обилните врнежи од снег кои паѓаа во текот на ноќта го прекрија главниот град со нова снежна покривка.

Бели беа тротоарите, улиците и парковите. Снежната идила која го зафати Скопје, но и неработниот ден по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, придонесоа граѓаните максимално да го искористат убавото време.  

Родителите кои заедно со своите деца излегоа да и се восхитуваат на недопрената белина, го преполнија Градскиот парк.

Од УХМР информираат дека највисоката снежна покривка од 85 сантиметри, изутринава е измерена во Маврово. За утре попладне се најавува затоплување на времето, а нови врнежи од снег и дожд се очекуваат во вторник.

Активни на терен ноќеска биле и екипите на зимската служба на Град Скопје кои во текот на ноќта и утрово фрлиле над 250 тони сол. Сите булевари и улици кои се во надлежност на градот се исчистени и проодни, а зимската служба со луѓе и механизација го чисти снегот и од тротоарите и јавните површини.

Од АМСМ информираат дека освен на планинскиот премин Маврово, укинати се сите забрани за сообраќај на тешки товарни возила на планинските превои.