Македонија
21. September 2020 - 16:48

Нови позитивни случаи во градинките во Кочани и Куманово

Ковид 19 се шири низ градинките. Негувателка од Куманово е позитивна на вирусот, а корона е потврдена и кај вработена во кочанска детска установа. И во двата случаи било постапено согласно насоките на центрите за јавно здравје и во изолација се сите кои имале контакт со заразените. Во Кочани во објектот Цветови дури три групи деца денеска останале дома и сите ќе бидат тестирани. За градоначалникот Илиев ова е очекувано имајќи ја во предвид алармантната бројка на новодијагностицирани во градот.

Во петокот е тестирана една вработена во градинка и е позитивна. Групата денеска не е дојдена и ќе бидат тестирани. Ќе бидат тестирани и уште две други групи каде има родители позитивни на Ковид-19. По тестирањата ќе знаеме дали и колку деца се позитивни. Оваа ситуација е очекувана имајќи во предвид колку случаи има во Кочани и ние како локална власт со кризниот штаб побаравме од граѓаните доследно почитување на мерките за заштита, изјави Николчо Илијев, градоначалник на Кочани. 

Викендот кластер градинка се појави во Струмица каде три деца од иста група имаат позитивни тестови на Ковид-19 и се заразиле меѓу себе. И дете од јасли во скопска градинка има корона, а претходно вирусот бил потврден и кај вработени во детски установи во Битола и Свети Николе. На само 10 дена по почетокот со работа веќе има десетина заразени и поголем број во изолација. Дали ќе има кој да се грижи за децата доколку негувателки и воспитувачки мора да седат дома, од труд и социјала велат дека одговорот треба да го дадат локалните власти.

-Согласно првата седница на Влада одржана на 1-ви септември, Владата им препорача на сите единици за локална самоуправа кои се основачи на детските градинки, да обезбедат потребен соодветен кадар за временски период до траење на епидемијата со Ковид-19, доколку градинката има потреба од итни и неодложни работи за непречено функционирање на установата, велат од министерството. 

Владата го измени и протоколот за работа на градинките и дозволи во јасли наместо 6 да има максимум 12 деца, а доколку фали просторен капациентет установите да побараат помош од општините.