Македонија
24. September 2020 - 16:38

Нова надеж за мајките кои користеа продолжено породилно, одлука до крајот на неделата

Можно е пролонгирање на мерката за продолжено породилно за 1 до 2 месеци за да можат децата да се адаптираат во градинка. Последниот збор ќе го каже Владата до крајот на неделата. Ова е исходот од денешната средба на Премиерот и министрите за здравство и труд и социјала со претставнички на мајките на трудничко кои протестираа.

-Искрено се надевам дека ќе има пролонгирање бидејќи средбата беше конструктивна. Се надеваме на позитивен одговор, изјави Милена Дабеска Симовска, родител.

И во Владиното соопштение после средбата се навестува дека ќе покажат слух за нивните барања.

„Земаме обврска да ги разгледаме вашите барања и потреби и да ви дадеме повратен одговор  во најкус можен рок. Ќе покажеме максимална флексибилност за одредени специфични случаи. Што се однесува до епидемиолошката слика, ние будно ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и следствено, секогаш размислуваме за донесените одлуки, нивната оправданост и потребата за нивна корекција. Здравјето на граѓаните е наш приоритет, но мораме да научиме да живееме со пандемијата“ им рекол Премиерот на претставниците на родителите информираа од Владата.

За мајките на породилно најголем проблем е безбедноста на нивните деца во градинките поради коронавирусот. Дополнително голем дел од нив не можеле да ги запишат децата. Вчера престана да важи мерката со која се ослободени од работа. Поради ова околу 250 мајки си дале отказ, други користеле одмор, трети се снаоѓале како умееле.

-Имаше мајки кои успеале да ги запишат децата и после 2 часа им се јавиле за да си ги земат децата зошто плачеле, изјави Милена Дабеска Симовска.

Според официјалните податоци од Фондот за здаравство мерката за продолжено породилкно ја користеле 2652 мајки.