Loading Video...
Спорт плус
8. May 2022 - 15:42

Нов рекорд за Дарио Ивановски на „Скопската 10-ка“

Најдобриот македонски атлетичар и рекордер во повеќе дисциплини Дарио Ивановски денеска собори уште еден сопствен и државен рекорд. Тој на „ Halk Eco Skopje Run 10K “ за 16 секунди го подобри државниот рекорд на трка на 10 километри на пат, кој сега изнесува 29 минути и 42 секунди (претходниот изнесуваше 29:58). Воедно Ивановски има максимален учинок на оваа трка бидејќи има победи на сите шест изданија досега.

Второто место му припадна на Американецот Џастин Фримен кој имаше време 32:03 минути, а трет трката ја заврши Атанас Анчевски со време 32:35 минути.

Дарио Ивановски на победничкиот подиум најави дека оваа сезона ќе атакува на уште победи и рекорди со главна цела исполнување олимписка норма.

Во женска конкуренција најбрза беше Биљана Кираџиева што е за неа прв триумф на оваа трка (претходно има две втори места и три трети места). Таа 10-те километри ги истрча за 37 минути и 45 секунди. Второто место и припадна на Миљана Ристиќ со време 41:26 минути, а трета целта ја мина Весна Кираџиева со резултат - 43:17 минути.

Трката ја завршија вкупно 1.160 натпреварувачи.