„Почекајте ќе видите“ - вели Мицкоски
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски веројатно наскоро ќе биде сменет ако се земе во предвид послената изјава на премиерот.
Мицкоски ги коментираше забелешките на ЕК во делот на реформите во правосудството и рече дека нема ништо суштински во нив, туку се во насока на зголемување на буџетот. Ако јавноста смета дека со таков рејтинг судиите и обвинителите треба да добијат повисоки плати, тогаш тој ќе ја донира и својата. Недозволиво е според премиерот како држава да одвојуваме поголем буџет од најразвиените земји во ЕУ.
-Во буџет од 6,5 милијарди, ние треба да враќаме 2 милијарди долгови, од некој кој душмански ја задолжувал државата. Ја повикувам јавноста нека каже, дали треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите? Еве, јас ќе ја донирам мојата плата, ама барем нека судат согласно закон. Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување плати на лица кои немаат никаков рејтинг. И, ако е тоа клучната реформа која треба да се направи, простете, но јас нема да ја направам, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Коментирајќи го извештајот на ЕК премиерот оцени дека Македонија и по смената на името и ветувањата од Брисел, се наоѓа на истата позиција како пред 25 години. Владата вели ќе направи се за да ја исполни домашната задача но оцени дека во процесот на евроинтеграции државата трпи булинг.
Измените во кривичниот законик би влегле во собраниска процедура до Нова Година. Премиерот вели иако се носат под притисок на Уставниот суд, нема да бидат на шверцески начин како што тоа го направиле од претходната Влада. Според него, секој треба да има одредена одговорност за своите одлуки, алудирајќи на тоа дека измените направиле многумина да добијат политичка амнестија.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
