Македонија
11. November 2025 - 21:10

Судски совет и државниот обвинител со оценка за извештајот на ЕУ

Застојот во правосудството забележан со извештајот на европската комисија, за првите луѓе на судскиот совет и јавното обвинителство е очекувана оценка од Брисел. Слабости делумно гледаат и во своите редови, но главниот проблем велат, се финансиите. Претседателот на судски, Александар Камбовски, смета дека освен довербата, сега и се поголемиот недостиг од судски службеници е предизвик за судството. 

„Постои потреба од подобро образложување на одлуките кои ги донесуваме, преку тоа се разбира да ја зголемиме и транспарентноста која треба да ја имаме и спрема колегите судии, но секако и спрема граѓаните. Покрај недостигот на судии во судовите низ државата, се соочуваме во моментов и со сериозен недостиг на останаито стурчен кадар кој што работи по судовите и тоа стручни соработници, советници, запсиничари, судски други службеници“, изјави Александар Камбовски, Претседател на Судски совет. 

Со извештајот на Европската комисија се согласува и државниот обвинител Коцевски. Критиките од власта кои ги забележал Брисел, ги смета за политички изјави, но и тој најголем проблем гледа во финансирањето.

„За да имаме успех во борбата против криминалот, мора да се создадат услови. Во конкретниот случај во ЈО, тоа го истакнувам повеќепати, работиме со јавно-обвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1.126. И минатата 2024 и оваа 2025 и за наредната година, од министерството за финансии не ни се дозволува ниту едно вработување“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител. 

Од судскиот совет предупредуваат на внимателност кај политичарите кои го критикуваат судството. Велат дека во извештајот, европската унија тоа го смета за мешање во судската власт. 

„Бидејќи тие критики, иако јас постојано потенцирам дека се добредојдени, меѓутоа сепак треба да постои една доза на внимателност бидејќи не смее да има мешање помеѓу властите, посебно помеѓу извршната, законодавната и судската власт бидејќи очигледно еве тоа е нотирано и во извештајот дека тоа се толкува како мешање во работата на судската власт“, вели Камбовски.

Освен политичките критики, Европската комисија наведува дека и ограничувањето на финансиите влијаат врз работата и независноста на правосудниот систем.