Мицкоски за злоупотребите со ИПАРД: Има да одговараат од еден до последен
Илија Стоилев и другите четворица осомничени за поткуп во Платежната информација не биле единствени кои вршеле злоупотреби. Премиерот Мицкоски вели дека суспендирањето на плаќањата од ИПАРД 3 програмата дошле по негово барање, и во сила ќе бидат се додека не се истражат и други можни малверзации. И тој уверува дека акцијата на Обвинителството за организиран криминал била поздравена од Брисел.
- Мораме да видиме до каде одат злоупотребите затоашто првичните информации велат дека не е тоа од сега, туку и наназад е правено. Така што, се ќе истражиме. И секој којшто мисли дека така ќе помине – се лаже. Има да одговараат од еден до последен, кој сака нека биде, вели Мицкоски.
Обвинителството неколку месеци ја работело предистражната постапка за директорот на Платежна агенција. Постапката е тајна, па оттаму велат дека до овој момент докази имаат само за конкретниот случај за примање мито од 400 евра - или првата рата од ветените 50.000 евра.
Дека одговорност и санкци мора да има вели и претседателката на државата, но за да добиваме средства како поддршка ќе мораме и домаќински да се однесуваме со нив.
- Одговорност мора да има но веднаш ова мора да биде причина да се гарантираат транспарентниот процес во користењето на средствата и одговорноста и отчетноста за да се оневозможни пост фестум ние само да санкционираме, но повторно да има можности за злоупотреба, вели претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Опозицијата бара оставка од министерот Трипуновски. Велат дека штетите од корупцискиот скандал кон македонското земјоделство се огромни. ИПАРД финансира 50% од една инвестиција на земјоделците, остатокот го плаќаат самите. Па сега СДСМ вели дека голем број од нив ќе бидат оштетени и бараат Владата да ги објави сите документи и извештаи поврзани со програмата.
- Колку корисници веќе имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе Владата за да ги заштити овие луѓе, бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкоски тие се веќе оштетени. За на јавноста да и биде јасно, ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Државата ги суспендираше плаќањата од ИПАРД 3 програмата поради скандалот со директорот на Платежната агенција. За тоа се известени и Европската Комисија и службите во Брисел. Илија Стоилев беше фатен како прима поткуп од 400 евра. Во случајот осомничени се петмина. Четворица се во ефективен, а еден во куќен притвор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
