Македонија
11. November 2025 - 16:39

Следната недела почнува судењето за „Пулс“, 15 обвинители ќе го водат предметот

Судењето за пожарот во дискотеката Пулс започнува следната недела, а за процесот да не се одолговлекува ќе има и засилен број на јавни обвинители. На случајот ќе работат вкупно 15 обвинители во судницата во Идризово каде ќе се води предметот. Во зависност од тоа на колку други предмети работат обвинителите, некогаш ќе бидат во полн состав, некогаш не но постојано ќе има некој за да нема застој од страна на Обвинителството.

За полициските службеници се уште нема обвинение зошто уште се сослушуваат сведоци, но според државниот обвинител би требало да биде готово до почетокот на декември. За инспекторите од УЈП пак кои комуницирале со синот на газдата на Пулс, се уште се води предистрага. 

Во сабота, родителите на жртвите од кочанската дискотека Маршот на ангелите наместо во Кочани ќе го одржат во Скопје. Од плоштадот до Собранието, а ќе заврши пред Кривичниот суд. Болката е наша, но борбата е за сите нас, велат родителите. 

Утре во судницата во Идризово ќе се одржи брифинг со новинарите, претседателката на Кривичниот суд како и обвинителите за организација и техничките предизвици пред почетокот на судењето чија главна расправа е закажана за на 19 ноември.